Македонија

Девет пријави за семејно насилство за едно деноноќие – седум лица приведени

Девет пријави за семејно насилство за едно деноноќие – седум лица приведени

Во текот на изминатото деноноќие полицијата евидентирала девет случаи на семејно насилство на различни локации низ државата. Во акциите на МВР биле лишени од слобода седум лица, а едно лице било пренесено во Психијатриската болница во Демир Хисар по пријава за долгогодишно семејно малтретирање.

Во валандовско село, полицијата привела 26-годишен маж, осомничен дека физички го нападнал својот 51-годишен татко во семејниот дом. За случајот е известен јавен обвинител и ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Во Радовиш, 18-годишник бил лишен од слобода откако, според пријавата, агресивно се однесувал кон својата мајка.

Во скопската населба Ѓорче Петров, полицијата го привела 54-годишниот Т.М., кој, според пријавеното, со остар предмет им се заканувал на сопругата и на нивните деца.

Во Охрид биле приведени две лица – 59-годишен жител на Струга и 62-годишна жителка на Охрид – по семејна расправија во домот на нивните родители, при што, според полицијата, жената физички нападнала членови на семејството.

Во Штип, по пријава од 24-годишна девојка, полицијата лишила од слобода 30-годишен маж поради сомнение дека физички ја нападнал.

Во Македонски Брод е пријавен случај во кој 45-годишен маж физички ја нападнал својата сестра, а по завршување на постапката ќе следува соодветен поднесок.

Во Битола, двајца роднини пријавиле дека добивале закани од нивен брат, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.

Во Кавадарци, 38-годишен маж бил приведен по пријава од неговиот татко дека агресивно се однесувал во домот и фрлал предмети.

Дополнително, во Куманово, 55-годишна жена пријавила дека подолг период таа и нејзините деца биле изложени на физичко и психичко насилство од нејзиниот сопруг, кој често бил под дејство на алкохол. Осомничениот е спроведен во Психијатриската болница во Демир Хисар, а против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави и ќе се преземат законски предвидените мерки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни