Свет

ФОТО Вака изгледа најдолгата река во Франција по топлотните бранови и сушата

ФОТО Вака изгледа најдолгата река во Франција по топлотните бранови и сушата

Повеќенеделните топлотни бранови и недостигот од врнежи доведоа до нагло опаѓање на водостојот на реките низ Франција, додека нивото на подземните води се намалило на дури 93 проценти од мерните места.

Поради сè посериозната суша, властите воведоа делумни или целосни ограничувања за користење на водата во речиси целата земја.

Најтопол јуни во историјата

Франција од мај наваму беше погодена од три одделни топлотни бранови, а јуни беше најтоплиот месец досега измерен, со просечна температура од 22,7 степени.

Недостигот од врнежи, продолжената суша и екстремно високите температури сериозно се одразија врз реките и подземните води.

Водостојот на реките Естерон и Вар, кои течат низ шумските подрачја во јужна Франција, значително се намалил. На местата каде што водата се повлекла, станале видливи песокот и камењата.

Лоара го откри своето дно

Значително е намален и водостојот на Лоара, најдолгата француска река, долга околу 1.000 километри. На снимките што на почетокот на месецот беа објавени во локалните медиуми се гледа песочното дно на реката, кое станало видливо поради големото повлекување на водата.

Хидрометриските податоци од мерната станица во Монжан-сур-Лоара покажале невообичаено суви услови за 13 јули, објави францускиот јавен сервис Franceinfo.

Подземните води на критично ниво

Француската служба за геолошки и рударски истражувања на 7 јули соопшти дека состојбата со подземните води дополнително се влошила поради зголемената потрошувачка на вода и недостигот од врнежи.

Нивото на подземните води е намалено на 93 проценти од мерните места, а на 54 проценти од нив е под вообичаеното ниво. Причините се недостигот од дожд од мај наваму, продолжената суша и високите температури забележани во текот на јуни.

„Исклучително и многу загрижувачко сушно време“

Француската министерка за еколошка транзиција, Моник Барбу, на состанок на кризниот штаб одржан на 15 јули изјави дека земјата се соочува со „исклучителен и многу загрижувачки период на суша“.

Таа посочи дека делумни или целосни ограничувања за користење на водата се во сила во 99 департмани, односно практично на целата копнена територија на Франција.

Дури 43 департмани се наоѓаат на кризно ниво кога станува збор за водоснабдувањето. Барбу оцени дека состојбата е крајно загрижувачка, иако пролетните врнежи биле во рамките на сезонскиот просек.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни