Македонија

Триесетдневен притвор за тројцата осомничени во случајот со загадената вода во Гостивар

Триесетдневен притвор за тројцата осомничени во случајот со загадената вода во Гостивар

Основниот суд во Гостивар им определи 30-дневен притвор на тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство. Осомничените мерката ќе ја издржуваат во КПУ „Затвор Скопје“.

Судијката Драгослава Веселинова информираше дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на ОЈО Гостивар за определување притвор за Артана Асани, Леон Нуредини и Вадедин Дервиши.

Како што појасни, против нив се води истражна постапка поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело „Тешки дела против животната средина и природата“. Предлогот за определување притвор до судот го доставил јавниот обвинител Хазби Исени по спроведената истражна постапка.

Според судот, мерката е определена поради тежината на делото и висината на запретената казна, која предвидува најмалку четири години затвор. Дополнително, било оценето дека доколку осомничените се бранат од слобода, постои ризик да се дадат во бегство, како и да влијаат врз сведоците кои треба да бидат сослушани во текот на истрагата.

Со оваа одлука, тројцата осомничени ќе останат во притвор во наредните 30 дена, додека продолжува истражната постапка за случајот што предизвика епидемија и сериозна загриженост кај жителите на Гостивар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни