Свет

Франција евакуира полуостров поради голем пожар – Макрон: Ни пристигнуваат хрватски канадери

Франција евакуира полуостров поради голем пожар – Макрон: Ни пристигнуваат хрватски канадери

Франција и Шпанија се борат со едни од најтешките шумски пожари ова лето, при што десетици илјади луѓе се евакуирани, а властите преземаат вонредни мерки за заштита на населението. Во Франција е наредена целосна евакуација на полуостровот Кап Фере, додека Шпанија прогласи вонредна состојба поради повеќе активни пожари околу Мадрид и во покраината Авила.

Француските власти во петокот наредија целосна евакуација на полуостровот Кап Фере на Атлантскиот Океан, популарна туристичка дестинација со бројни кампови, апартмани и луксузни имоти. Жителите и туристите се евакуираат по морски и копнен пат, додека пожарот, кој веќе уништи повеќе од 8.700 хектари, продолжува да се шири.

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека земјата побарала активирање на Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.

„Франција побара активирање на механизмот на Европската Унија за цивилна заштита. Наскоро ќе добиеме помош од два хрватски канадери, два португалски авиони Air Tractor, како и два хеликоптери Black Hawk од Чешка и Словачка“, напиша Макрон на платформата X.

Покрај пожарот кај Кап Фере, голем пожар беснее и во близина на Бискарос, каде што се уништени околу 2.500 хектари, а над 23.000 луѓе се евакуирани од кампови, домови и дом за стари лица. Француските власти предупредуваат дека силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето.

Во меѓувреме, Шпанија прогласи вонредна состојба поради повеќе истовремени пожари што ги зафатија околината на Мадрид и соседната покраина Авила. Повеќе од 10.000 лица се евакуирани, а регионалните власти ја оценија ситуацијата како „крајно сериозна“.

Во погодените подрачја се ангажирани повеќе од 270 припадници на итните служби, 40 копнени противпожарни екипи и единици на шпанската војска за вонредни ситуации.

Според „Ројтерс“, трите последователни топлотни бранови ова лето значително ја зголемија опасноста од пожари низ Европа. Долготрајната суша, високите температури и исушената вегетација придонесоа огнената стихија да зафати површини поголеми од просекот во последните две децении.

Само оваа година во Шпанија изгореле повеќе од 100.000 хектари земјиште, а во пожарите загинале 13 лица, што ја прави 2026 година една од најсмртоносните пожарни сезони во последните неколку децении.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни