Македонија

Уапсен 19-годишниот Македонец кој се бараше во Црна Гора поради обид за ликвидација на припадник на Шкаљарскиот клан

Уапсен 19-годишниот Македонец кој се бараше во Црна Гора поради обид за ликвидација на припадник на Шкаљарскиот клан

Црногорската полиција уапси 19-годишен државјанин на Македонија, кој се барал со меѓународна потерница поради сомнение дека извршил обид за убиство на лице кое, според безбедносните служби, е поврзано со Шкаљарскиот клан. При акцијата е приведено и уште едно лице, осомничено дека му помагало да се крие.

Според информациите, Александар Танасковски бил лоциран во таен стан во населбата Видрован во Никшиќ. Заедно со него бил уапсен и 34-годишниот Нено Марковиќ од Никшиќ, за кого постои сомнение дека му обезбедувал засолниште по извршувањето на кривичното дело.

Од црногорската полиција соопштија дека Танасковски е осомничен дека на 7 август 2025 година, во комплексот на хотелот „Маестрал“ во Будва, се обидел да го убие 56-годишниот Марко Љубиша-Кан, кој според истрагата е член на Шкаљарскиот клан. Во нападот, како што наведуваат, осомничениот испукал два куршума кон жртвата, која се здобила со повреди во пределот на главата.

Покрај обвинението за обид за убиство, против него се води постапка и за недозволено носење оружје, како и за фалсификување исправа.

Според истрагата, при подготовката на нападот користел фалсификувана лична карта на име со иницијали Ј.Г. од Србија, со која бил пријавен во хотел сместен во близина на местото каде што бил извршен нападот.

Од црногорската полиција наведуваат дека против двајцата осомничени ќе бидат преземени понатамошни законски мерки во согласност со истрагата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни