Од 21:00 часот во недела вечер до понеделник наутро аеродромот „Васил Левски“ во Софија е затворен за слетување, соопшти раководството на аеродромот.
Причината е што операторите за земно опслужување не можат да ги обработат сите летови. Во моментов тие приоритетно ги опслужуваат поаѓањата од главниот град поради тешките зимски услови.
Од аеродромот не прецизираа точен час кога ќе биде обновен приемот на летовите во текот на утрешниот ден. Порано во недела, министерот за транспорт Георги Пеев на вонреден брифинг изјави дека земјината служба ги расчистува пистите, но капацитетот не е доволен за да се обезбеди редовноста на летовите, поради што има доцнења.