Деветгодишно дете се здобило со тешки телесни повреди откако со електричен тротинет учествувало во сообраќајна несреќа со патничко возило во скопската општина Сарај.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата се случила вчера, 28 јули, околу 14:30 часот, а била пријавена во СВР Скопје.
Според првичните информации, на крстосницата меѓу сервисна улица и регионалниот пат Скопје–Тетово дошло до судир меѓу автомобил „Форд“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 67-годишниот С.С. од селото Арнакија, и електричен тротинет на кој се превезувало деветгодишното дете, исто така жител на Арнакија.
По несреќата, детето било пренесено во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде лекарите констатирале тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје, а полицијата презема мерки за целосно утврдување на причините и околностите под кои се случила несреќата.