Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, преку видео-обраќање упати сериозен апел до сите мајстори и граѓани за максимална внимателност при користење алат што создава искри, откако искри од брусилица за малку не предизвикале поголема катастрофа во Виница.
Според Ангелов, пожарот избувнал откако лице со брусилица сечело делови од возило, при што искрите брзо ја запалиле околната сува трева.
„Во текот на вчерашниот ден, лице со брусилица сечело делови од возило. Од искрите се запалила околната трева и пожарот брзо се проширил, но благодарение на брзата реакција на виничките пожарникари, тој беше совладан уште во првата фаза“, изјави Ангелов.
Тој упати голема благодарност до виничките пожарникари за брзиот одговор со кој беше спречена поголема штета, истакнувајќи дека во непосредна близина имало куќи, викендички, лозја и овоштарници.
„Мајстори, бидете внимателни – доволна е само една искра за вистинска катастрофа. Овде катастрофата беше спречена од пожарникарите, но што доколку огнот се проширеше понатаму низ сувата трева? Сите што работат со алат што искри мора да бидат исклучително внимателни во овој период“, порача директорот на ЦУК.