Спорт

Отворени апликациите за 60.000 волонтери на Олимписките игри во Лос Анџелес, може да аплицираат и кандидати од Македонија

Отворени апликациите за 60.000 волонтери на Олимписките игри во Лос Анџелес, може да аплицираат и кандидати од Македонија

Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри во Лос Анџелес 2028 (LA28) официјално ги отвори апликациите за волонтери. Македонскиот олимписки комитет (МОК) ги повика сите заинтересирани македонски граѓани кои сакаат да бидат дел од овој глобален спортски спектакл да се пријават на официјалниот портал.

Организаторите бараат вкупно 60.000 волонтери кои ќе учествуваат во организацијата и логистиката на Летните олимписки и параолимписки игри.

Услови за аплицирање:

  • Возраст: Најмалку 18 години во моментот на поднесување на апликацијата.
  • Јазици: Задолжително е одлично познавање на англискиот јазик (говор, читање и пишување).
  • Временска обврзаност: Кандидатите мора да бидат достапни за најмалку 10 смени (секоја во времетраење од околу 8 часа). Смените не мора да бидат последователни.
  • Држајанство/Виза: За учество НЕ Е потребно американско државјанство ниту дозвола за престој во САД.

Финансиски услови и локации:

  • Самостојно финансирање: Волонтерските позиции не се платени. Организаторот не ги покрива трошоците за патни билети, сместување и локален превоз – сите финансиски издатоци ги сносат самите апликанти.
  • Локации за ангажман: Поголемиот дел од позициите се во Лос Анџелес, но волонтерски активности ќе има и во Оклахома Сити, Њујорк, Колумбус, Нешвил, Сент Луис, Сан Хозе и Сан Диего.

Процес на аплицирање и селекција:

  1. Пополнување апликација: Процесот трае околу 30 минути, при што кандидатите избираат три претпочитани области за работа (спортски операции, логистика, медицинска поддршка, технологија, медиуми и сл.). За одредени улоги (како возачи или медицински кадар) се бара соодветно претходно искуство.
  2. Селекција (2027 година): Првичната селекција на кандидатите ќе се врши во текот на 2027 година.
  3. Проценка и обука: Избраните волонтери ќе поминат низ процес на проценка и задолжителни обуки кои ќе се реализираат комбинирано – онлајн и со физичко присуство.
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни