Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, нешто пред 18 часот слета на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград. Ова е негова прва посета на Србија откако стана претседател на Украина.
Зеленски утре ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ. Според најавите од српскиот претседател, во фокусот на разговорите ќе бидат три клучни теми — европскиот пат на двете земји, билатералната соработка и енергетиката.
„Ова е негово прво доаѓање во Србија, а досега имавме 5 или 6 средби, главно на различни самити и конференции“, изјави Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека двете земји се соочуваат со слични предизвици на патот кон Европската Унија и дека оваа средба е можност за взаемна поддршка.
„Имаме неколку важни теми: едната е европскиот пат на Украина и Србија, бидејќи се наоѓаме во слична ситуација и се соочуваме со слични проблеми. Верувам дека ќе разговараме за тоа како да си помогнеме и да научиме едни од други. Второто прашање е нашата билатерална економска соработка, а третото, исто така исклучително важно, е енергетската соработка. Ова се трите клучни прашања, но отворени се и сите други теми, како соработката во областа на културата и спортот“, додаде Вучиќ.