Македонија

ПОЧИНА СРНАКОТ МАРТИН: По долга борба за живот, активистите упатија апел за итно отворање центар за диви животни

ПОЧИНА СРНАКОТ МАРТИН: По долга борба за живот, активистите упатија апел за итно отворање центар за диви животни

По долга и исцрпувачка борба на ветеринарниот тим и активистите, познатиот срнак Мартин денеска подлегна на тешките повреди. Неговата состојба драстично се влошила во текот на попладнето, по што итно бил пренесен во хируршка сала поради обемно внатрешно крварење во абдоменот, предизвикано од силната повреда.

И покрај долготрајната реанимација и животоспасувачката операција, медицинскиот тим не успеал да го спаси.

Загубата ја бранува јавноста која со денови ја следеше неговата состојба, а од здружението „Animal Voice“ изразија длабока благодарност до сите граѓани кои нудеа помош, поддршка и убави зборови во борбата за срнакот.

Апел до Владата: Македонија итно да добие Центар за рехабилитација на диви животни

Трагичниот крај на Мартин уште еднаш ја отвори раната за најголемиот системски проблем во земјава кога се во прашање дивите животни. Од здружението упатија итен апел до Владата за конечно формирање на државен Центар за рехабилитација и третман на диви животни.

„Случајот со Мартин е уште еден доказ колку е битно нашата држава да добие центар за диви животни, кој во моментов го немаме, а е од витално значење. Дивите животни во неволја не смеат да бидат препуштени само на товарот и можностите на граѓанските активисти. Потребен е стручен тим и соодветни услови за да се интервенира во вакви тешки случаи“, истакнуваат активистите.

Од здружението апелираат на разбирање од јавноста и порачуваат дека борбата за институционална заштита на животните продолжува.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни