Патнички воз излета од шините попладнево на југот на Англија, што предизвика масовна операција за спасување во која учествуваат голем број полициски, противпожарни и медицински екипи.
Несреќата се случила околу 15:54 часот по локално време во близина на железничката станица Луис (Lewes) во округот Источен Сасекс, на околу 70 километри јужно од Лондон. На фотографија објавена на социјалните мрежи се гледаат неколку вагони превртени на страна, додека луѓето се обидуваат да излезат од нив.
Според првичните информации од британското Министерство за транспорт што ги пренесуваат локалните медиуми, нема загинати ниту потешко повредени лица. Сите патнички екипи и спасувачи работат на безбедно извлекување на луѓето од превртените вагони.
„На терен имаме 10 противпожарни возила, единица за командна поддршка, тимови за техничко спасување и други служби. Помагаме во извлекувањето на патниците и им даваме поддршка на останатите итни служби“, соопштија од Противпожарната служба на Источен Сасекс, апелирајќи до граѓаните да го избегнуваат подрачјето.
Покрената итна истрага
Британската министерка за транспорт, Хајди Александар, изјави дека е „длабоко загрижена“ од веста за несреќата. таа изрази благодарност до сите итни служби и нагласи дека властите интензивно соработуваат со железничките компании за да им помогнат на загрозените патници.
Причината за излетувањето сè уште не е позната. Британската Агенција за истражување железнички несреќи веќе испрати свој тим на терен за прибирање докази. Огласи се и синдикатот на сообраќајните работници (TSSA), порачувајќи дека безбедноста на патниците мора да биде главен приоритет.
Топлотниот бран дополнително го парализира сообраќајот
Железничкиот сообраќај во овој дел од земјата е во целосен прекин. Од „National Rail“ соопштија дека возовите до далнојгно нема да сообраќаат низ загрозените региони, а превозникот „Southern Rail“ ги советуваше граѓаните воопшто да не тргнуваат на пат.
Дополнителен проблем во железничкиот сообраќај прави и силниот топлотен бран што ја зафати Велика Британија, при што температурите во јужна Англија достигнаа и до 35 Целзиусови степени, што предизвика забавување и откажување на бројни други линии.
Ова е втора тешка железничка несреќа во Велика Британија за само два месеци, откако во јуни при судир на два патнички воза кај Бедфорд едно лице загина, а десетици беа повредени.