Македонија

Груби излегува од куќен притвор, судот не му го враќа пасошот

Груби излегува од куќен притвор, судот не му го враќа пасошот

На Артан Груби, второобвинет во случајот „Лотарија на Македонија“, му е укинат куќниот притвор по сила на законот, откако истекол законскиот рок од 60 дена. Основниот кривичен суд Скопје му определи мерки на претпазливост, а предлогот на одбраната за враќање на патната исправа со дадена гаранција беше одбиен.

Од Кривичниот суд информираат дека решението за укинување на куќниот притвор е донесено согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, според кој притворот, односно куќниот притвор, определен по поднесен обвинителен предлог, не може да трае подолго од 60 дена од денот на неговото поднесување.

Обвинителниот предлог во предметот „Лотарија на Македонија“ бил поднесен на 13 август 2026 година, поради што судот ја укинал мерката по сила на законот.

Наместо куќен притвор, на Груби му се определени три мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за приближување, како и за остварување контакт и врски со одредени лица.

Од судот дополнуваат дека и натаму останува во сила мерката за одземање на патната исправа, како и забраната за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница.

Кривичниот совет го одбил предлогот на одбраната за укинување на оваа мерка со определена гаранција, откако добил негативно мислење од надлежното јавно обвинителство.

Груби е второобвинет во предметот „Лотарија на Македонија“, кој се води под К.бр. 1494/26.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни