Со распит на градежни вештаци денеска во судот продолжи рочиштето за трагедијата во објектот „Пулс“. Доказната постапка откри низа тешки пропусти, дивоградби и материјали кои директно придонеле за кобниот исход.
Според вештачењето, сите градежни зафати во објектот биле изведени целосно нелегално — без проектна документација, без одобрение од надлежните институции и без каков било стручен надзор. На местото каде што претходно имало обичен магацин, биле доградени надворешни скали, челични столбови, натстрешница, шанкови, ВИП ложа и преградни ѕидови. Внатрешноста била обложена со гипс-картон, додека поткровјето било изолирано со стаклена волна, гипс-плочи и полиуретански сунѓер.
Градежното вешто лице нагласи дека ваквите измени не претставуваат обична адаптација, туку комплетна реконструкција која бара строга законска процедура, која во овој случај била целосно заобиколена.
Клучните констатации од вештачењето:
- Загрозена евакуација: Дополнително изградените предни ѕидови и т.н. „летачка врата“ создале тесно грло на единствениот пат за излез, драстично намалувајќи ја пропусната моќ за евакуација.
- Брзо ширење на пожарот: Неконтролираните материјали, а особено лесно запаливиот полиуретански сунѓер, директно влијаеле врз брзиот развој и ширење на огнената стихија.
- Пренамена без безбедносна проценка: Трансформацијата од магацин во угостителски објект довела нови статички товари кои ја нарушиле конструктивната безбедност на целиот објект.
„Дополнително вградените материјали без контрола на квалитетот, како и полиуретанскиот сунѓер, имале негативно влијание врз развојот на пожарот и дополнително ги влошиле условите во просторијата“, истакна вештакот Маријана Лазаревска пред судот.
Родителите на загинатите младинци ги следат рочиштата со надеж дека судскиот процес Конечно ќе ги лоцира сите одговорни, истакнувајќи дека „клопчето конечно почнува да се размотува“.
Судењето продолжува на 20 август со сослушување на дополнителни докази.