Градот Скопје продолжува со активностите за сузбивање на комарците, а вечерва ќе се спроведе 13-тата дезинсекција против комарци за оваа сезона. Станува збор за теренски третман на подрачјето на главниот град.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека активностите ќе продолжат и во наредните денови. Според најавата, на 20 август ќе се спроведе теренска дезинсекција против возрасни форми на комарци, додека на 21 август, во раните утрински часови, е планирана авионска дезинсекција.
Дополнително, од 23 до 26 август ќе се спроведува терестична дезинсекција против возрасни форми на комарци.
Од Градот Скопје посочуваат дека сите активности се реализираат согласно Годишната програма, законските обврски и Елаборатот изготвен од Центарот за јавно здравје – Скопје, кој е одобрен од здравствените власти.
Во текот на сезоната досега се реализирани повеќе третмани за сузбивање на ларвите и возрасните форми на комарци. За ларви биле спроведени шест третмани, од кои три авионски и три теренски, додека против возрасни форми биле реализирани повеќе авионски и теренски дезинсекции.
Ѓорѓиевски најави дека до крајот на сезоната ќе бидат реализирани повеќе од 20 дезинсекции против комарци.
„Овие податоци најдобро покажуваат дека активностите се спроведуваат континуирано, навремено и согласно однапред утврдена динамика“, наведува градоначалникот.
Од Градот Скопје додаваат дека активностите продолжуваат со цел навремено и системско дејствување во насока на заштита на колективното здравје и благосостојбата на граѓаните.