Македонија

Двајца Турци пријавени за изнуда: Со уцени земале 43,8 килограми изработено злато

Двајца Турци пријавени за изнуда: Со уцени земале 43,8 килограми изработено злато

Повеќегодишен случај на наводна изнуда е пријавен во Гостивар, а осомничени се двајца државјани на Турција кои, според полицијата, со закани и уцени принудувале татко и син да преземаат финансиски дејствија на сопствена штета.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднела кривична пријава против Т.Д. (55) и З.Д. (54), двајцата од Турција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“.

Според пријавата, осомничените во периодот од 2019 до 2026 година, со употреба на закани, присилиле 66-годишен жител на Гостивар и неговиот 41-годишен син да им предадат изработено злато со вкупна тежина од 43 килограми и 800 грама.

Полицијата наведува дека пријавените самоволно ја пресметувале вредноста на златото како стопена суровина, наместо како готови изработени производи, со што неговата вредност била значително пониска од реалната пазарна вредност.

Осомничените, според пријавата, продолжиле со притисоците и кон синот и неговото семејство. Во текот на февруари 2025 година, со уцени и заканувачки пораки, наводно го принудиле 66-годишниот гостиварец да потпише преддоговор за купопродажба на недвижен имот.

Преддоговорот бил потпишан кај нотар во Гостивар, при што, според пријавеното, неговата содржина не му била прочитана.

Полицијата продолжува со постапката за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со пријавените дејствија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни