Македонија

Кризата со западно-нилската треска во Скопје ескалира: СДСМ бара одговорност од Орце Ѓорѓиевски

Кризата со западно-нилската треска во Скопје ескалира: СДСМ бара одговорност од Орце Ѓорѓиевски

Кризата со западно-нилската треска во Скопје ескалира, а состојбата е алармантна, оцени денеска претседателот на Градската организација на СДСМ, Александар Давчевски, на прес-конференција.

Според Давчевски, досега се потврдени 35 случаи на заболени од западно-нилска треска, при што четири лица починале, а шест се на интензивна нега во критична состојба.

Од СДСМ обвинуваат дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, задоцнил со превентивните мерки и со прскањето против комарци.

„Наместо навремена превенција, навремена анализа и системска контрола на жариштата со комарците – градоначалникот и овој пат задоцни. Дури сега се сети дека треба да прска против комарци“, изјави Давчевски.

Тој оцени дека Скопје се соочува со сериозна закана од заразни комарци поради, како што рече, задоцнетата реакција на градските власти.

„Среде лето, граѓаните во грч излегуваат надвор, стравувајќи дека може да бидат заразени. Орце Ѓорѓиевски затаи кога најмногу требаше да делува“, рече Давчевски.

Претседателот на Градската организација на СДСМ го критикуваше градоначалникот и за други проблеми во градот, меѓу кои состојбата со отпадот, ветените автобуси и уредувањето на Градскиот парк по невремето.

„Па што правеше? Да не случајно го исчисти Скопје од ѓубре? Да не случајно ги обезбеди ветените автобуси за Скопјани? Да не случајно го среди Градски парк после невремето од пред еден месец? Не, ништо од ова не е средено“, рече Давчевски.

Тој додаде дека наместо решавање на, како што ги нарече, клучните проблеми во градот, вниманието било насочено кон билбордот со коњ со пет нозе и следењето на загадувањето на скопските реки со дрон.

Од СДСМ велат дека последиците од, како што оценија, ненавременото постапување ги чувствуваат граѓаните.

„Кој ја плаќа цената? Цената ја плаќаат Скопјани со сопственото здравје и животи“, изјави Давчевски.

Тој го обвини и ВМРО-ДПМНЕ дека применува ист принцип на управување – проблемите, според него, се игнорираат додека не прераснат во криза, по што се преземаат задоцнети мерки.

Од СДСМ побараа одговорност од градоначалникот на Скопје за начинот на кој градските власти се справуваат со ситуацијата со комарците и ширењето на западно-нилската треска.

„Орце Ѓорѓиевски не ги заштити Скопјани од комарците. А требаше и мораше. За тоа треба и мора да се одговара, кога би имало институции кои постапуваат по закон“, порача Давчевски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни