Македонија

Австрискиот амбасадор Памер по вандализмот на Шар Планина: Прашање е дали уште треба да се поддржуваат вакви проекти

Австрискиот амбасадор Памер по вандализмот на Шар Планина: Прашање е дали уште треба да се поддржуваат вакви проекти

Амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер, изрази разочараност по уништувањето на новопоставената зимска маркација на патеката за планинарење Попова Шапка – Титов Врв на Шар Планина, дел од проектот „Славков“. Тој посочи дека земјите од Вишеградската група – Австрија, Словачка и Чешка – во иднина ќе се запрашаат дали има смисла да продолжат со поддршка на вакви иницијативи.

Според информациите, повеќе од 45 од вкупно 112 поставени столбови за зимска ориентација се уништени, оштетени или целосно отстранети. Освен значителната финансиска штета, потенцијалните последици врз безбедноста на планинарите би можеле да бидат уште посериозни, особено во зимски услови и намалена видливост.

Зимската маркација беше поставена во рамки на проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во Македонија“, финансиски поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, како и од Скопска Пивара. Проектот беше имплементиран и дополнително финансиски поддржан од компанијата Одржливи Авантуристички Патувања и Организацијата за одржлив развој САТ Скопје, во соработка со Планинарската федерација на Македонија (ФПСМ).

Од Амбасадата на Австрија во Скопје реагираа на социјалните мрежи, оценувајќи дека станува збор за вандализам и за највисоко ниво на деструкција. Истовремено порачаа дека Австрија ќе продолжи да ги поддржува проектите кои се во интерес на општото добро и придонесуваат за безбедноста и развојот на планинарската инфраструктура.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни