Македонија

Чад над скопските населби: Има шумски пожар во Студеничани и Зелениково

Чад над скопските населби: Има шумски пожар во Студеничани и Зелениково

Густиот чад и мирисот на изгорено што попладнево се проширија над скопската населба Драчево и околните делови од Скопје се последица на голем шумски пожар кој беснее на територијата на општините Студеничани и Зелениково.

Според информациите од терен, пожарот опфаќа поголем потег зафатен со мешана шума, движејќи се на линијата меѓу селата Моране, Вртекица, Рамни Габер и кракот кон селото Палиград, како и над селото Вражале во општина Зелениково.

Огнот гори во тешко пристапен терен со мешана шума, што додатно го отежнува неговото локализирање. Поради правецот на ветерот, обемниот слој чад се спушта кон Драчево и скопската котлина. На главните сообраќајници кон овој дел од градот е забележана намалена видливост и заматено небо. Жителите од Драчево и околните места пријавуваат интензивен мирис на изгорено и апелираат за брза интервенција на надлежните противпожарни и шумарски екипи.

Надлежните служби се известени и се очекуваат повеќе детали за обемот на интервенцијата и состојбата со пожарот на терен. Се препорачува претпазливост за жителите од зафатените подрачја и избегнување на подолг престој на отворено.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни