Израелските власти речиси една недела ја држат Палестинката во притвор откако таа пријавила во полицијата дека доселеници наводно ја запалиле нејзината куќа, објави „Хаарец“.
Жената е обвинета во воен суд за поднесување лажна пријава и загрозување на безбедноста во регионот. Полицијата вели дека пожарот во јужниот дел на Западниот Брег, населбата Хилет ал-Фара, всушност бил предизвикан од електричен дефект.
Жената им изјавила на палестинските медиуми неколку часа по пожарот, кој избувнал во среда навечер, дека среде ноќ ја разбудиле звуци на маскирани мажи како зборуваат хебрејски пред нејзината куќа. Таа рекла дека ги видела како истураат запалива течност во куќата, а потоа ја запалиле.
Видео од инцидентот било објавено подоцна истиот ден на WhatsApp група на екстремистички доселеници, која обично споделува видеа од нивните напади врз Палестинците. Видеото било избришано кратко време по објавувањето.
آثار حرق المستوطنين منزلًا في خلة الفرا بمسافر يطا جنوب الخليل #فيديو pic.twitter.com/RvUTunRENK
— الجزيرة فلسطين (@AJA_Palestine) August 20, 2026
Кога таа отишла во блиската полициска станица во четврток за да поднесе пријава, властите одлучиле да ја приведат, објави „Хаарец“.
На вчерашното рочиште за продолжување на притворот, полицијата не му го достави на судот конечниот извештај на пожарникарите за резултатите од истрагата за пожарот.
Во соопштение објавено неколку часа по пожарот, полицијата тврди дека тој не е предизвикан од доселеници. Сепак, претставник на полицијата на рочиштето призна дека истрагата е сè уште во тек и дека палењето не е исклучено како можна причина.
Објаснувајќи го обвинението дека жената наводно ја загрозила безбедноста во регионот, претставник на полицијата тврдеше дека ширењето лажни информации може да доведе до одмазда против Израелците.
И покрај очигледната недоследност во полициската верзија на настаните, судот го продолжи притворот на жената за уште четири дена.