Македонија

Секое десетто дете во Македонија било изложено на сексуална злоупотреба со помош на технологијата

Секое десетто дете во Македонија било изложено на сексуална злоупотреба со помош на технологијата

Дигиталниот простор станува сè поголем ризик за децата во Македонија. Нов извештај покажува дека едно од десет деца на возраст од 12 до 17 години кои користат интернет било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на технологијата во период од една година.

Тоа значи дека приближно 12.000 деца биле погодени од некоја форма на ваква злоупотреба, покажуваат наодите од извештајот „Disrupting Harm“ („Спречување на штетата“) за Македонија.

Истражувањето предупредува дека злоупотребата не се случува исклучиво во виртуелниот простор. Таа може да се одвива целосно онлајн, преку комбинација на онлајн и директни средби, но и во физичка средина, при што технологијата се користи за снимање, дистрибуирање или олеснување на злоупотребата.

Особено загрижува фактот што сторителот најчесто не е непознато лице. Според извештајот, 78 проценти од децата биле изложени на злоупотреба од лице кое претходно го познавале, додека 57 проценти од сторителите биле полнолетни.

Во 39 проценти од случаите станувало збор за поранешен или сегашен интимен партнер, односно лице кон кое детето чувствувало симпатии. Членови на семејството биле вмешани во повеќе од една четвртина од случаите – 27 проценти.

Социјалните мрежи се издвојуваат како еден од најчестите канали преку кои се олеснувала злоупотребата. Повеќе од половина од регистрираните инциденти биле поврзани со социјалните медиуми, додека речиси една третина се случиле преку онлајн-игри.

Речиси половина од децата – 48 проценти – доживеале повеќе од една форма на злоупотреба во периодот опфатен со истражувањето.

Последиците можат да бидат сериозни и долготрајни. Децата кои биле изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија имале 11 пати поголема веројатност за самоповредување, како и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли или однесување во споредба со децата кои не доживеале вакво искуство.

Стручните лица интервјуирани во истражувањето укажале на последици како срам, чувство на губење контрола, нарушувања на сонот, стрес и страв дека материјалите поврзани со злоупотребата би можеле засекогаш да останат на интернет.

И покрај сериозноста на проблемот, формалното пријавување останува на исклучително ниско ниво. Иако 88 проценти од децата разговарале со некого за своето искуство, помалку од еден процент побарале помош преку формални канали.

Како главни причини се наведуваат срамот, стигмата, недоволната информираност за постапките за пријавување и недовербата во институциите.

„Зад секоја статистика во овој извештај стои дете чија доверба е изгубена, чија безбедност е загрозена и чија благосостојба е нарушена“, изјави претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, нагласувајќи дека заштитата на децата во дигиталната ера бара посилни закони, подобри услуги и побезбедни онлајн-средини.

Истражувањето покажува и дека ризикот не зависи значително од полот, возраста, местото на живеење, дигиталните вештини или степенот на образование на родителите – момчињата и девојчињата биле погодени во слична мера.

Во извештајот се посочуваат и правни празнини, особено во заштитата на децата на возраст од 14 до 17 години. Се бара модернизирање на законодавството, подобар пристап до правда, поефикасни механизми за пријавување, како и поголема достапност на психосоцијална и друга поддршка за децата и нивните семејства.

Студијата е спроведена преку национално репрезентативна анкета со 1.039 деца на возраст од 12 до 17 години и 1.039 родители и старатели, дополнета со интервјуа со млади луѓе, професионалци кои работат со деца, полицајци и претставници на правосудството.

Извештајот „Disrupting Harm во Северна Македонија“ е реализиран во соработка меѓу УНИЦЕФ Иноченти, ECPAT International и INTERPOL, со поддршка од Safe Online и во соработка со Владата на Македонија.

Од институциите и организациите се упатува порака дека ниедно дете не е одговорно за злоупотребата или експлоатацијата што ја доживеало, а децата и семејствата кои се погодени треба да побараат помош од социјалните служби, училиштата, полицијата или специјализираните служби за поддршка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни