Белгија се соочува со поголема епидемија на салмонела, откако над 300 луѓе биле заразени по консумирање контаминирани јајца. Белгиската федерална агенција за безбедност на синџирот на исхрана (FASFC) потврди дека досега се регистрирани најмалку 306 случаи.
Изворот на инфекцијата се јајца произведени од компанијата „Laerco“ во Гел, на северот од Белгија. Присуството на бактеријата било потврдено кон крајот на април, по што во мај започнало масовно повлекување на производите од продажба.
Првичните анализи покажале дека салмонела има само на една од четирите живинарски фарми на компанијата. Сепак, бидејќи бројот на новозаразени не се намалувал според очекувањата, дополнителните лабораториски испитувања откриле присуство на бактеријата и на втора фарма.
По новите резултати, FASFC наредила целосно затворање на фармата и започнала дополнителна кампања за повлекување на јајцата за кои постои сомневање дека би можеле да бидат контаминирани.
Јајцата се продавале во големи маркети
Спорните јајца биле достапни во повеќе големи малопродажни синџири во Белгија, меѓу кои „Colruyt“, „Delhaize“, „Aldi“ и „Carrefour“.
Превентивното повлекување било проширено и во Луксембург, додека белгиските власти ги известиле и другите европски земји во кои потенцијално биле извезени контаминираните јајца.
Меѓу земјите кои биле известени се Холандија, Франција, Италија и Португалија.
Кои се симптомите на салмонела?
Салмонелата предизвикува салмонелоза, инфекција на дигестивниот систем која најчесто се манифестира со дијареја, треска и стомачни грчеви.
Во потешките случаи може да се појават висока температура, силни болки во телото и други сериозни симптоми. Иако најголем дел од инфекциите поминуваат без сериозни последици, во ретки случаи салмонелозата може да биде опасна и по живот.
Бактеријата природно се наоѓа во цревата на голем број домашни животни и може да навлезе во храната во различни фази од производството, од одгледувањето и преработката до нејзиното пласирање на пазарот.