Македонија

Скопје–Блаце како нова врска со регионот: „Ќе донесе развој и нови економски можности“

Скопје–Блаце како нова врска со регионот: „Ќе донесе развој и нови економски можности“

Изградбата на автопатот Скопје–Блаце треба да донесе нова динамика во регионалното транспортно и економско поврзување на Македонија. Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, проектот е важен чекор кон позиционирање на земјата како значајна транспортна раскрсница на Балканот.

Николоски денеска, на поставувањето на камен-темелникот за изградба на автопатот Скопје–Блаце, истакна дека новата инфраструктура ќе отвори дополнителни можности за поврзување со соседните земји, но и со важни транспортни правци и пристаништа.

Според него, автопатот ќе придонесе за посилна врска на Македонија со Косово и Црна Гора, а преку регионалното поврзување ќе се овозможи полесен пристап и до пристаништата Драч и Бар.

„Навистина е убаво кога се почнуваат нови проекти и кога се гледа нешто што во следните неколку години ќе донесе дополнителен развој“, рече Николоски, додавајќи дека проектот претставува дел од пошироката визија за развој на транспортната инфраструктура во земјата.

Тој посочи дека една од целите на Владата е Македонија да ја искористи својата географска положба и да се наметне како важна транспортна точка во регионот.

„Јасната политика и визија на премиерот Мицкоски беше дека Македонија треба да стане раскрсница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба каде што два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10 – се пресекуваат“, истакна Николоски.

Како дополнување на овие транспортни правци, тој ги посочи и Коридорот 11 и Коридорот 6, нагласувајќи дека нивното поврзување може дополнително да го зголеми значењето на Македонија во регионалниот транспорт.

Според Николоски, реализацијата на автопатот Скопје–Блаце не е само инфраструктурен проект, туку инвестиција која треба да придонесе за економски развој, подобро регионално поврзување и создавање нови можности за транспортот и трговијата.

„Ова значи отворање кон најмалку две пристаништа – дополнително отворање кон пристаништето Драч и отворање кон пристаништето Бар – и уште повеќе зацврстување на Македонија како една раскрсница на Балканот“, порача министерот за транспорт.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни