Јужноафриканската полиција уапси двајца тајландски државјани кои, во одделни случаи, се обиделе да шверцуваат јајца од загрозени видови папагали надвор од земјата. Јајцата биле пронајдени во импровизирани инкубатори на меѓународниот аеродром во Јоханесбург, а апсењата се дел од напорите на властите за сузбивање на нелегалната трговија со диви животни, објавува „Гардијан“.
Првото апсење се случило на 20 август, кога 50-годишен Тајланѓанец бил запрен на аеродромот О.Р. Тамбо. Министерството за животна средина на Јужна Африка соопшти дека 50 јајца од птици биле пронајдени во неговиот рачен багаж, скриени во импровизиран инкубатор. Прелиминарните истраги покажуваат дека јајцата припаѓаат на видови папагали наведени според конвенцијата CITES, која ја регулира меѓународната трговија со загрозени видови. Министерството не прецизираше за кои видови станува збор.
Еден месец претходно, на 16 јули, 23-годишен тајландски државјанин бил уапсен на истиот аеродром. Тој се обидел да шверцува 418 јајца од папагали, кои ги скрил во две торби претворени во инкубатори. Тајландската амбасада во Јужна Африка не одговорила веднаш на барањето за коментар за случаите.
Министерството за животна средина вели дека нелегалното собирање и трговија со јајца претставува сериозна закана за популациите на диви птици. „Нелегалното собирање и трговија со јајца од папагали сериозно ги загрозува популациите на диви птици и нивната благосостојба.
Јајцата често се транспортираат скриени во импровизирани инкубатори, во услови што значително ги намалуваат шансите за преживување и го загрозуваат развојот на ембрионите и младите птици“, се вели во соопштението на министерството. Сите запленети јајца се предадени на вработените во Националната зоолошка градина во Преторија, кои се грижат за нивната инкубација.
„Неколку од спасените јајца успешно се извеле, а пилињата се под интензивна ветеринарна и одгледувачка грижа за да се зголемат нивните шанси за преживување“, додаде министерството. Апсењата се резултат на заедничка операција заснована на разузнавачки информации.
Операцијата ја водеше Инспекторатот за управување со животната средина, познат како „Зелени скорпии“, во соработка со полициската разузнавачка служба и Единиците за заштита на границите и загрозените видови. Борбата против шверцот во Јужна Африка опфаќа широк спектар на нелегални активности.
Од трговијата со рогови од носорог и нелегално одгледувани коски од тигар до риболов на морски полжави и кражба на сукуленти. Нелегалниот извоз на видови заштитени со конвенцијата CITES во Јужна Африка носи казна до 10 милиони ранди (околу 460.000 фунти), затворска казна до 10 години или и двете.