Македонија

МОН: Обезбедени сите учебници за новата учебна година

МОН: Обезбедени сите учебници за новата учебна година

По летниот распуст, утре започнува новата учебна 2026/2027 година, кога во училиштата низ земјава ќе се вратат повеќе од 238 илјади ученици. Меѓу нив ќе бидат и 14.952 првачиња за кои утре ќе биде првиот училишен ден.

Според податоците од Министерството за образование и наука, наставата ќе ја започнат околу 174 илјади основци и 64 илјади средношколци.

Од МОН информираат дека учебниците се обезбедени навреме за сите ученици. За новата учебна година се набавени околу 622 илјади учебници, а целосно нови изданија ќе добијат учениците од прво, второ, трето и осмо одделение. Нови учебници ќе има и за учениците од втора година во гимназиите, каде што започнува примената на нови наставни програми.

Во новата учебна година продолжува и процесот на воведување едносменска настава. Таа ќе се реализира во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти.

Паралелно се работи на проширување на училишните капацитети. Во моментов се прошируваат 14 училишта, додека во наредните месеци се очекува да започнат проекти за проширување на уште 15 училишни објекти.

Новата учебна година, сепак, започнува и со намалување на бројот на ученици и паралелки. Поради недоволен број деца, привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта, а вкупно 148 училишни објекти, најголем дел во руралните средини, остануваат без ученици.

Како дел од оптимизацијата, бројот на паралелки е намален за 433, од кои 222 во основното и 211 во средното образование. Од МОН уверуваат дека овие промени нема да значат отпуштање на редовно вработени наставници.

За најголемиот дел од учениците наставата ќе трае до 10 јуни 2027 година, додека матурантите ќе завршат со наставата на 17 мај.

Родителите, пак, во септември треба да добијат олеснување при набавката на училишниот прибор. Согласно владината одлука, приборот треба да се продава по цени кои ќе бидат најмалку 15 проценти пониски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни