Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати критики и кон актуелното раководство на СДСМ, оценувајќи дека се игнорираат резултатите постигнати за време на нејзиниот мандат во Министерството за одбрана.
Повод за реакцијата беа изјавите и критиките поврзани со набавката на хеликоптерите „Леонардо“, како и споредбата со музичарот Дејвид Гета, која беше спомената во јавноста.
„Дејвид Гета е уметник, музичар, а јас сум политичар. Јас работам затоа што ми е доверена задачата“, изјави Петровска.
Таа оцени дека личните споредби и потценувачките коментари не можат да бидат замена за аргументирана политичка дебата.
Петровска особено се осврна на финансиската поддршка од Соединетите Американски Држави, тврдејќи дека за време на нејзиниот мандат била одобрена значителна помош за македонската одбрана.
„Сега раководството, кое мене и групата со мене нè обвинува за работење за ВМРО-ДПМНЕ, го игнорира тој момент и заборава, случајно или не, да ја направи споредбата дека во истата година, кога јас сум била министерка, Соединетите Американски Држави, како стратешки партнер, ми одобриле 137 милиони долари финансиска помош“, рече Петровска.
Таа ги наброја и активностите што, според неа, биле реализирани за време на нејзиното раководење со Министерството, меѓу кои колективниот договор со синдикатите, законските решенија за вработените, модернизацијата на Армијата и набавките на воена опрема.
Петровска посочи дека во нејзиниот мандат биле склучени договори за артилерија, противвоздушен систем и хеликоптери, а се реализирале и реконструкции на касарни и зголемување на платите.