Балкан

Два американски воени авиони слетаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија

Два американски воени авиони слетаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија

Два големи американски воени авиони утрово, околу 7 часот, слетаа на аеродромот „Васил Левски“ во Софија. Министерството за одбрана на Бугарија потврди за БТВ дека пристигнувањето е согласно општо годишно дипломатско одобрение и дека престојот им е привремен.

Станува збор за Локхид Ц-130, воено-транспортни летала со четири турбоелисни мотори, наменети за превоз на војници и товар. Овој модел се користи во повеќе од 40 модификации во над 50 држави.

Според министерот за одбрана на Бугарија Димитар Стојанов, американски авиони може да слетуваат и на граѓански аеродроми во Бугарија, при што постапката е дипломатска. Порано годинава на граѓанскиот аеродром во Софија беше забележан и воено-транспортен авион Ц-17 Глоубмастер на американските воздухопловни сили.

Авионите на американските воздухопловни сили ја напуштија авиобазата „Безмер“ на 22 август. Тогаш министерот Стојанов изјави дека сите летови за време на престојот биле тренажни над територијата на сојузнички држави и дека не биле изведувани мисии кон југ. Бугарските власти истакнаа дека земјата не учествувала во воени дејствија против Иран и дека во моментов нема податоци за непосредна закана по националната безбедност, иако Исламската Република Иран повеќепати упати предупредувања поради присуството на американските авиони.

Кон крајот на јули Народното собрание, на предлог на Владата, одобри во Бугарија да бидат распоредени до осум американски авиони по итна нота на САД од 17 јули. Во документот Вашингтон побара распоредување на авионите, како и до 250 военослужбеници, со цел логистичка поддршка на воените операции на Блискиот Исток. На крај, во авиобазата „Безмер“ пристигнаа два авиона.

Првите американски авиони пристигнаа во Бугарија кон крајот на февруари, при што во нотата на Вашингтон беше наведено дека леталата ќе учествуваат на воени вежби. Бугарија дозволи присуство на до 15 авиони и до 500 военослужбеници со краен рок на престој 30 мај. Дел од авионите беа распоредени и на софискиот аеродром заедно со граѓански летала. Одлуката за првите авиони беше донесена во последниот ден на кабинетот „Желјазков“, а подоцна премиерот Радев го продолжи престојот до 30 јуни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни