Јавниот обвинител на американската сојузна држава Мисисипи заклучи дека употребата на сила од страна на полицијата била оправдана кога полицајците отвориле оган врз автомобил за време на истрага за кражба, при што загинал едногодишен дечко. Коен Вајли загинал во јуни додека седел во скутот на мајка си. Според Би-Би-Си (BBC), полицијата тврди дека возачот го насочил возилото кон полицајците.
На 14 јуни, полицијата била повикана во продавница на „Волмарт“ (Walmart) во градот Сенатобија, по пријава за кражба на пелени и облека за бебиња. Според Бирото за истраги на Мисисипи, полицајците наишле на две жени и дете на паркингот, додека тие се приближувале кон автомобил. Полицајците се обиделе да го запрат возилото, но – според официјалната верзија – тоа се движело кон еден од полицајците, за малку удирајќи го.
Тогаш еден полицаец отворил оган. Куршумот го усмртил детето и тешко ја ранил возачката, Латоја Ферел.
Мајката на Коен, Велесија Вајли – која седела на предното совозачко седиште со детето во скут – негира дека таа или Ферел украле нешто. Таа изјави дека го кренала синот за полицајците да можат да го видат, само неколку моменти пред тој да биде погоден. Против ниту една од жените не се поднесени кривични пријави.
Во понеделникот, јавниот обвинител Лин Фич ги објави наодите од истрагата во кратка изјава. „Во овој инцидент, Канцеларијата на јавниот обвинител утврди дека употребата на сила била оправдана“, напиша таа. Полицијата нема објавено никакви снимки од пукањето – ниту од камерите што ги носат полицајците на себе, ниту од безбедносните камери на паркингот. Сепак, одредени снимки протекоа на интернет, на кои се гледа како полицајци пукаат кон автомобил што бега од нив.
Бенџамин Крамп, адвокатот на семејството Вајли, ја оспори одлуката на обвинителството. „Како може некој да прифати таков заклучок кога на семејството на Коен и на јавноста сè уште не им е дозволено да ги видат снимките од полициските камери?“, изјави Крамп. „Ако снимките ја поткрепуваат одлуката на државата, тогаш објавете ги. Нема да престанеме да се бориме додека ова семејство не ја дознае вистината“, порача тој. Мартин Зумах, адвокатот на полицаецот кој употребил огнено оружје, изјави за „Асошиејтед прес“ дека возачот „се обидел да го убие“ неговиот клиент. „Тој немаше друг избор освен да отвори оган“, рече Зумах.
Смртта на момчето се случи на американскиот празник „Џунтин“ (Juneteenth) – со кој се одбележува крајот на ропството – што предизвика протести во Сенатобија. Демонстрантите тврдат дека расната припадност одиграла улога во постапувањето на полицијата. Кохен и двете жени во автомобилот се црнци, додека полицаецот кој пукал е, наводно, белец, исто како и окружниот обвинител. Минатиот месец, градските власти го отпуштија началникот на полицијата – кој е белец – откако еден весник откри текстуални пораки во кои тој во повеќе наврати користел расистички навреди.