Македонија

МВР го бара со меѓународна потерница, а тој се појавува во бугарски медиуми

МВР го бара со меѓународна потерница, а тој се појавува во бугарски медиуми

На веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, во делот „Потраги“, сè уште е објавена меѓународна потерница по лице со име Симеон Михаилов.

Истовремено, во бугарските медиуми се појавува човек со истото име, кој дава изјави поврзани со судскиот процес за неговата ќерка Ива Михаилова.

Поради ова, до МВР испративме прашања дали потерницата по Симеон Михаилов сè уште е активна или станува збор за информација што не била навремено ажурирана на веб-страницата на институцијата.

Од Министерството побаравме одговор и дали се запознаени дека лице со истото име престојува на територија на Бугарија и јавно се појавува во медиумите, како и дали човекот што дава изјави е истото лице по кое е објавена меѓународната потерница.

Одговорите од МВР ги очекуваме во текот на денот.

Редакцијата располага и со фотографии од лицето објавено во делот за потраги на МВР и од човекот што се појавува во медиумите.

Анализа на 4NEWS.mk / ФОТО: 4NEWS.mk

Одговорот од Министерството ќе го објавиме веднаш по неговото пристигнување.

Со меѓународната потерница тој се бара по наредба на Основен суд Кочани за издржување на казна затвор од 12 години и 6 месеци. Осуден е за сторени кривични дела по член 394 (злосторничко здружување), член 386 (насилство) и член 123 (убиство/обид за убиство) од Кривичниот законик.

Михаилов беше дел од познатата криминална група од источна Македонија инволвирана во полициската акција „Детонатор“. Првично беше осуден во отсуство и во 2014 година беше екстрадиран од Италија. Потоа, Апелациониот суд му ја преиначи и намали казната. Сепак, тој подоцна повторно се даде во бегство (наводно по неодговарање на затворско отсуство во 2019 година), поради што потерницата по него е сè уште активна.

Во 2014 година тој беше екстрадиран од Италија, МВР тогаш објави видео:

За што се појавува во медиумите?

Таткото на Ива Михајлова се појавува во медиумите за да ја алармира јавноста за здравствената и правната состојба на неговата ќерка, тврдејќи дека таа е под полициски надзор откако нејзината националност станала позната во болницата во Скопје.

Тој бара итно префрлање и лекување на Ива во Бугарија и изразува револт од одлуката на судот да го одбие нејзиниот транспорт.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни