Македонија

Над 623 милиони денари исплатени за боледувања во август

Над 623 милиони денари исплатени за боледувања во август

Фондот за здравствено осигурување во август годинава исплатил повеќе од 623 милиони денари за надоместоци на плата по основ на привремена спреченост за работа. Од вкупната сума, над 414 милиони денари биле наменети за породилни отсуства.

Според податоците на ФЗОМ, во текот на август биле исплатени вкупно 623.150.780 денари, од кои 414.050.780 денари се однесуваат на породилни надоместоци.

Од Фондот информираат дека високата месечна реализација е резултат на засилена обработка на предметите и внимателно планирање на расположливите средства, со цел исплатите кон осигурениците да се реализираат редовно и без прекини.

При обработката на барањата бил применуван хронолошки редослед, односно предност имале осигурениците со постари барања. На тој начин, како што наведуваат од Фондот, се создадени услови надоместоците за боледување, а особено оние за породилно отсуство, да се исплаќаат тековно.

Посебен приоритет бил даден на исплатата на породилните надоместоци по насока на генералниот директор на Фондот, м-р Златко Перински. Само за оваа намена во август биле издвоени повеќе од 414 милиони денари.

Од ФЗОМ најавуваат дека редовната исплата на боледувањата и понатаму ќе остане меѓу приоритетите на раководството, паралелно со одржувањето на финансиската стабилност и навременото исполнување на останатите обврски кон осигурениците и здравствениот систем.

„Редовни исплати, пократко време на обработка и поголема сигурност за осигурениците“ остануваат меѓу целите кон кои, како што посочуваат од Фондот, ќе се насочува работата и во наредниот период.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни