Грчката полиција спроведува опсежна истрага по морничавото откритие во стан во атинската населба Кипсели, каде при претрес бил пронајдено тело на бебе, сокриено во сад ставен во куфер. Станот бил изнајмен на краток рок, а случајот првично бил откриен по пријава поврзана со станарите.
Во станот полицајците затекнале повеќе лица – 43-годишен Грк, неговата 38-годишна германска партнерка, три малолетни деца и 26-годишен државјанин на Авганистан, кој тврдел дека е партнер на 15-годишната девојка. Девојката, според досегашните информации, е бремена. Полицијата дополнително ги проверува семејните и биолошките врски меѓу лицата преку ДНК-анализи.
Клучниот момент во истрагата следел при дополнителниот претрес на станот. Во еден од куферите бил пронајден сад во кој се наоѓало замрзнатото тело на бебе. Жената на полицајците наводно им кажала дека детето било нејзино и дека починало пред околу осум месеци, по што го чувала замрзнато. Нејзиниот исказ, сепак, содржел несогласувања во однос на времето кога настапила смртта.
Форензичкото испитување внело нов пресврт во случајот. На телото биле утврдени повеќе од десет повреди нанесени со остар предмет, а според досегашните наоди, токму повеќекратните убоди се разгледуваат како причина за смртта. Поради состојбата во која било пронајдено телото, точната возраст и времето на смртта сè уште не можат со сигурност да се утврдат, но првичните проценки се дека бебето било на возраст од околу осум до девет месеци.
Полицијата истовремено истражува дали бебето навистина е биолошко дете на 38-годишната жена или постои друга семејна врска. Во тек се ДНК-испитувања кои треба да дадат одговор на ова прашање.
Истрагата е проширена и на друг имот на улицата Филис, каде што парот претходно живеел околу две години. Истражителите проверуваат дали телото можеби било чувано таму пред да биде пренесено во станот во Кипсели.
Дополнително внимание привлекува и состојбата на трите малолетни деца кои биле затекнати во станот. Тие се ставени под заштита, додека надлежните служби ги проверуваат нивните околности и семејната историја.
Во претресите биле пронајдени и наркотични средства, електронски уреди и други предмети кои полицијата ги анализира како дел од истрагата. Надлежните се обидуваат да ја реконструираат целата случка, да утврдат кој е одговорен за смртта на бебето и каква била улогата на лицата што престојувале во становите.
Истрагата продолжува, а конечните форензички и ДНК-анализи треба да помогнат во целосното расчистување на случајот.