Македонската економија во вториот квартал од 2026 година забележала значително забрзување, со реален раст на БДП од 4,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во споредба со првите три месеци од годината, кога растот изнесуваше 3,1 отсто, резултатот е значително подобар.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека податоците покажуваат континуирано подобрување на економската активност. Таа посочи дека во последните десет последователни квартали е регистриран позитивен раст, што според неа укажува на тренд, а не на изолиран резултат.
Економскиот раст во втората половина од 2024 година достигна 3,6 отсто, откако во првите шест месеци изнесуваше 2,3 отсто. Во текот на 2025 година БДП порасна за 3,5 отсто, а позитивната динамика продолжи и во текот на оваа година.
Особено силен придонес во вториот квартал имаат инвестициите. Бруто-инвестициите бележат реален раст од 16,5 отсто, додека извозот на стоки и услуги е зголемен за 10,4 отсто, што претставува забрзување во однос на растот од 6,2 отсто во првиот квартал.
На производната страна, најголем раст има градежниот сектор, со зголемување на активноста од 21,9 отсто. Преработувачката индустрија пораснала за 4,1 отсто, исто колку и трговијата, транспортот и угостителството. Секторот информации и комуникации забележал раст од 4,3 отсто.
Раст е регистриран и кај потрошувачката. Финалната потрошувачка е зголемена за 2,8 отсто, додека потрошувачката на домаќинствата пораснала за 3,3 отсто.
Според Димитриеска-Кочоска, резултатот е особено значаен бидејќи е постигнат во услови на умерена економска активност во Европа и зголемени глобални и геополитички ризици. На номинална основа, растот на македонскиот БДП во вториот квартал изнесува 8,3 отсто.
Стапката од 4,3 отсто е над просекот на Европската Унија, кој изнесува 1,2 отсто, како и над просекот во еврозоната од 1 отсто. Во регионот, Македонија има повисок раст од Србија, каде што тој изнесува 3,8 отсто, Бугарија со 2,5 отсто и Хрватска со 1,7 отсто.
Повисоки квартални стапки од Македонија, според презентираните податоци, имаат Словенија со 5 отсто, Данска со 4,7 отсто и Малта со 4,5 отсто.
Позитивните движења продолжуваат и кај високофреквентните економски показатели. Индустриското производство во вториот квартал во просек пораснало за околу 4 отсто, додека нискоградбата бележи просечен раст од 53,5 отсто. Во јули, индустриското производство било повисоко за 1,3 отсто на годишно ниво, а преработувачката индустрија забележала раст од 3,4 отсто.
Во исто време, се забележува забавување на инфлацијата. Откако во мај годишната стапка изнесуваше 4,8 отсто, во јуни се намали на 3,4 отсто, а во јули падна на 2,3 отсто.
Министерката најави дека владините политики и натаму ќе бидат насочени кон реализација на капитални проекти, поттикнување на инвестициите и приватниот сектор, подобрување на деловната клима и одговорно управување со јавните финансии.
Целта, според Димитриеска-Кочоска, е економскиот раст да донесе конкретни придобивки за граѓаните преку повисок животен стандард, нови инвестиции и поголеми можности за компаниите.