Македонија

Петмина приведени во Велес: Пронајдени оружје, муниција и дивеч од незаконит лов

Петмина приведени во Велес: Пронајдени оружје, муниција и дивеч од незаконит лов

Пет лица се лишени од слобода во Велес по полициска акција во која биле пронајдени ловечко оружје, муниција и поголема количина уловен дивеч за кој било утврдено дека потекнува од незаконит лов.

Акцијата се одвивала во текот на вчерашниот ден. Околу 11:20 часот, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес го лишиле од слобода 60-годишниот Л.Б. од Италија, со привремен престој во Велес.

При контрола на автомобил „Ауди“ со албански национални ознаки, кој го управувал италијанскиот државјанин, биле пронајдени 207 ловечки патрони за кои, според полицијата, не поседувал соодветна документација.

Подоцна, околу 18:50 часот, биле лишени од слобода уште тројца италијански државјани – Т.Р. (58), З.Д. (72) и А.А. (74), како и М.И. (62) од Скопје.

Со судска наредба од Основниот суд Велес бил извршен претрес во објектот во кој престојувале италијанските државјани. Таму бил затекнат и М.И., кој бил ангажиран како домар.

При претресот биле пронајдени и одземени ловечко оружје, ловечки патрони, поголема количина уловен дивеч, пари, документација и други предмети.

Од страна на претставник на ловечкото друштво „Руен“ од Велес било констатирано дека одземениот улов потекнува од кривично дело „Незаконит лов“, предвидено во член 228 од Кривичниот законик.

Л.Б., Т.Р. и М.И. биле задржани во полициска станица. За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање и расчистување на настанот се очекува да бидат поднесени соодветни пријави.

За 60-годишниот Л.Б. полицијата најавува пријава за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, согласно член 396 од Кривичниот законик.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни