Вештачката интелигенција сè почесто се користи и во измами, а најнов пример доаѓа од Грција, каде жена од Патра била убедена дека комуницира со светски познатиот фудбалер Кристијано Роналдо.
Според нејзиното сведоштво за локалниот весник „Гноми“, непознато лице ѝ се претставило како португалскиот фудбалер и ѝ понудило финансиска помош. За да ѝ влее доверба, измамникот дури организирал и видеоповик, на кој жената наводно го видела „Роналдо“.
Тој ѝ побарал да уплати вкупно 100 евра, односно двапати по 50 евра, со објаснување дека тоа било потребно за да може подоцна да ѝ помогне финансиски.
„Ми рече дека може да ми помогне, самиот Кристијано Роналдо, но за да се легитимизира оваа негова постапка, ќе треба да уплатам пари, двапати по 50 евра“, раскажала жената.
Таа вели дека дополнително била убедена откако добила видеоповик.
„Ми се јави преку видеоповик и го видов. Тоа беше Роналдо, во бел луксузен автомобил и ми велеше дека им помага на оние кои имаат потреба во целиот свет“, раскажала измамената.
Откако ги уплатила парите, контактот прекинал, а жената сфатила дека била измамена.
Според информациите објавени од „Гноми“, видеото било креирано со помош на вештачка интелигенција. Во него ликот кој го имитирал Роналдо дури ѝ се обратил на жената на грчки јазик, со цел измамата да изгледа што поверодостојно.
Случајот е уште едно предупредување дека реалистичните видеа и гласови создадени со вештачка интелигенција можат да се искористат за измама и манипулација, особено кога сторителите се обидуваат да создадат лажно чувство на доверба.