Македонија

Кој ќе добие К-15 и колку ќе изнесува? Ова се условите за исплата

Кој ќе добие К-15 и колку ќе изнесува? Ова се условите за исплата

Летниот период за голем број вработени носи и дополнителен приход, бидејќи работниците во приватниот сектор имаат право на регрес за годишен одмор, познат како К-15. Годинава минималниот износ се очекува да биде повисок од ланскиот и, според актуелните пресметки, да достигне околу 19.116 денари.

Исплатата на регресот може да започне од 1 јули, а висината се пресметува врз основа на просечната нето-плата во последните три месеци кои се земаат како основа.

За периодот февруари, март и април 2026 година, просечната нето-плата изнесувала 46.159, 48.433 и 48.779 денари. Просекот на овие три износи е околу 47.790 денари.

Согласно колективниот договор, регресот за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40 отсто од утврдената основица. Според овие податоци, минималниот К-15 годинава би изнесувал околу 19.116 денари.

Работодавачите, доколку имаат финансиски можности, можат да исплатат и повисок износ од минимално утврдениот, доколку тоа е предвидено со колективен договор или со интерна одлука на компанијата.

Кој има право на К-15?

Право на регрес за годишен одмор имаат вработените во приватниот сектор кои во текот на календарската година оствариле најмалку шест месеци непрекината работа кај истиот работодавач.

Постојат и одредени исклучоци за работодавачите кои се соочуваат со сериозни финансиски потешкотии. Компаниите кои работат со загуба, под услови утврдени со прописите и со соодветна документација, можат да исплатат понизок износ, а во одредени случаи и да бидат ослободени од обврската за исплата.

Што доколку работодавачот не исплати К-15?

Доколку работодавачот има обврска за исплата на регресот, но не го исплати, може да следува инспекциски надзор и соодветни санкции.

Работниците кои сметаат дека им е повредено правото на К-15 можат да побараат заштита преку Државниот инспекторат за труд, а правото можат да го остварат и по судски пат.

К-15 за многу вработени претставува значаен дополнителен приход во летниот период, кога се зголемуваат трошоците за одмори, патувања и секојдневни потреби.

Иако често се доживува како бонус од работодавачот, регресот за годишен одмор не е подарок, туку право на работниците утврдено со колективните правила, а за работодавачите претставува обврска кога се исполнети предвидените услови.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни