Македонија

Мицкоски од Самитот на Берлинскиот процес: Очекуваме наскоро да почнат преговорите со ЕУ

Мицкоски од Самитот на Берлинскиот процес: Очекуваме наскоро да почнат преговорите со ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на Самитот на Берлинскиот процес изјави дека Македонија очекува напредокот што го направила да биде валоризиран од европските партнери и конечно да добие шанса да го почне преговарачкиот процес со Европската унија.

Мицкоски во изјава за МРТВ истакна дека земјата веќе има усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека е „многу напред во испорака кога станува збор за реформската агенда“.

„Она кое што за нас како држава претставува важно е фактот дека ние веќе имаме усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за реформската агенда, дека буквално сè што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме и очекувам, тоа и го кажав во работниот дел, очекувам сето ова за кое што зборувам да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да отпочнеме со процесот на преговори“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека постепената, односно градуалната интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата може да биде можност, но не и замена за полноправно членство.

„Исто така истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправното членство во рамките на Европската унија“, рече Мицкоски.

На самитот порака испрати и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој им порача на лидерите од Западен Балкан дека Германија останува цврст сојузник на нивниот евроинтегративен пат, но и дека напредокот зависи од реформите и политичката волја во секоја држава.

„Вашето членство во Европската унија е она што ние го сакаме. Можете да сметате на поддршката од Германија, како и на мојата лична поддршка. Ние како Европска унија го исполнивме своето, но и вие мора да го сторите истото. Реформите и политичката волја мора да дојдат од вас“, изјави Мерц, според прилогот на МРТ.

Во прилогот беше наведено и дека дел од македонската делегација во Црна Гора е министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој остварил серија состаноци со претставници на финансиски институции, меѓу кои и со претставници на ЕБОР.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни