Развојот на паневропските коридори 8 и 10 е неопходен за економски напредок и политичка стабилност на државата во услови на сложени геополитички случувања, изјави вицепремиерот Александар Николоски на панелот „Стратешка сигурност и стабилност, ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност“, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Николоски посочи дека земјава е природно насочена кон соработка со Европската Унија, имајќи предвид дека „Македонија граничи со Европската унија и на југ и на исток“, а во соседството има и земји кандидати за членство.
Во дебатата биле изнесени и податоци за економската поврзаност со Унијата. Според кажаното на настанот, 76 проценти од македонскиот извоз завршува во земји членки на ЕУ, додека 46 проценти од увозот доаѓа од земји членки на Унијата.
Евроамбасадорот Окас, како што пренесе МРТ, истакнал дека ЕУ е силно посветена на членството на земјава во Унијата.
„Преку европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата“, изјави Окас.
Политичкиот аналитичар Трошановски, пак, оцени дека приоритет треба да биде деблокирање на евроинтегративниот процес.
„Прв приоритет, секако, за сите нас е откочување на преговорите кои што се закочени. Мислам дека умни и прагматични одлуки кон уставни измени се возможни, кои што ќе овозможат наши внатрешни гаранции за да можеме понатаму барем да направиме исчекор повеќе кон подлабока интеграција во процесите на проширување“, изјави Трошановски.
Безбедносните ризици, хибридната војна и стеснетиот проток на снабдување се дел од причините за потребата од поголема стратешка поврзаност и поголем имунитет на државата во новата геополитичка реалност.