Балкан

Синот на Младиќ: Татко ми беше убиен поради небрежен третман

Синот на Младиќ: Татко ми беше убиен поради небрежен третман

Семејството и правниот и медицинскиот тим на Ратко Младиќ изнесоа сериозни обвинувања за начинот на кој бил третиран осудениот воен злосторник во притворот во Хаг, тврдејќи дека несоодветната медицинска грижа придонела за неговата смрт. Во исто време, семејството ги објави деталите за комеморацијата и погребот.

Синот на Младиќ, Дарко, соопшти дека комеморацијата ќе се одржи утре во 12 часот во Домот на Армијата. Погребот е закажан за понеделник, а ковчегот со телото од 7 часот наутро ќе биде изложен во црквата „Свети Лука“. Потоа погребната поворка ќе се упати кон гробиштата „Топчидер“, каде што погребот треба да започне околу 13 часот.

Дарко Младиќ ги повика граѓаните да присуствуваат во голем број, но истовремено апелираше на мир и достоинствено одбележување.

„Би сакал овој погреб да биде мирен и достоинствен, а не да биде причина за тепачки“, порача тој, повикувајќи ги сите да се воздржат од провокации и обиди за спречување на настанот.

Тој истакна дека добил сочувство од српскиот претседател и неговото семејство, додавајќи дека погребот го смета за национален, но дека самиот не сака да го политизира настанот.

Најсериозните обвинувања се однесуваат на медицинскиот третман што Младиќ го добивал во Хаг.

„Мојот татко беше убиен пред моите очи. Тој беше убиен од небрежен третман и намерно давање на премногу силни опијати, што доведе до неговата смрт“, изјави неговиот син.

Тврдењата ги поддржа и лекарот од одбраната, д-р Огњен Гудељ, кој рече дека медицинскиот тим не преземал доволно активности за следење на здравствената состојба на Младиќ.

Како примери тој ги наведе тоа што крвниот притисок, според него, не бил мерен секојдневно, како и отсуството на лабораториски анализи во периодот кога Младиќ примал силна терапија.

Гудељ посочи и дека, според информациите што ги добил, во одреден момент било одлучено да не му се зема крв за анализа со образложение дека со тоа ќе биде поштеден од болка. Тој исто така наведе дека еднаш побарал апарат за мерење крвен притисок, но му било кажано дека таков апарат нема.

Семејството и одбраната дополнително тврдат дека сè уште не ја добиле целосната медицинска документација поврзана со мозочниот удар што Младиќ го претрпел на 10 април.

Адвокатот Драган Иветиќ потсети дека одбраната претходно барала Младиќ од хуманитарни причини да биде пуштен на лекување во Србија, каде што би ги поминал последните денови со своето семејство.

Според него, барањето не било за ослободување од изречената казна, туку за медицинска грижа во Србија и можноста Младиќ последните денови од животот да ги помине со своите најблиски.

Обвинувањата на семејството и одбраната засега претставуваат нивна верзија за околностите поврзани со смртта, а тие бараат целосна медицинска документација и дополнителни одговори за третманот што го добивал во Хаг.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни