Македонија

Шампањско од „Метропол“, еуфорија и морници: Горан Михајловски се сеќава на 8 септември 1991 година

Шампањско од „Метропол“, еуфорија и морници: Горан Михајловски се сеќава на 8 септември 1991 година

Неделната вечер на 8 септември 1991 година на скопскиот плоштад не наликуваше на ниту една друга. Тоа не беше протоколарна, однапред режирана државна манифестација, туку спонтан, историски излив на народна енергија, олеснување и надеж. За новинарите што беа таму, како Горан Михајловски од тогашниот либерален дневен весник „Вечер“, таа вечер останува врежана како момент во кој професионалната должност целосно се стопи со чувството дека се сведочи на нешто грандиозно.

„Сите бевме на плоштадот. И на кои ни беше работа, и на кои не ни беше. Дури и новинарите и камерманите на државната телевизија и радио, сите се туркаа позади бината и се радуваа како да не се на должност“, се присетува Михајловски за атмосферата во која по долги месеци тензија, страв од потезите на ЈНА и крвавите воени пламени што веќе се ширеа низ Словенија и Хрватска, конечно здивна цела нација.

Сцената пред некогашната кафеана „Метропол“ сведочеше за раѓање на нова реалност, каде што протоколите се учеа во од. Државата немаше сопствено пенливо вино за наздравување, па се отвораше фрушкогорски бисер донесен од блиската кафеана. Немаше совршено ускладени државнички говори, но имаше сурови, неподготвени емоции.

Поврзана објаваПрвиот македонски пасош кој патуваше низ светот кога Македонија уште не беше признаена

Кога претседателот Киро Глигоров излезе пред масата граѓани и ја објави историската вест дека референдумот е успешен, плоштадот буквално зовре. За разлика од вообичаената воздржаност на политичарите, тогашниот премиер Никола Кљусев со раширени раце и детска искреност почна да мафта и да скока на бината, повлекувајќи ги со себе и останатите членови на владата и градот. Таа импровизација и спонтаност беа најсилниот доказ за автентичноста на моментот.

„Можеби тогаш не бевме целосно свесни што значи да се направи држава, но знаевме дека сме дел од нешто големо. И денес, по 35 години, кога ќе се сетам на таа еуфорија, ме лазат морници“, вели Михајловски.

Три и пол децении подоцна, сеќавањето на таа ноќ служи како силен контраст на денешниот цинизам, секојдневните политички препукувања и заморот од транзицијата. Еуфоријата од плоштадот со текот на годините се соочи со тешка реалност: ембарга, атентати, авионски несреќи, воен конфликт и децениски блокади за европска интеграција.

Сепак, суштината на таа септемвриска ноќ не избледува. Пораката што останува жива и по 35 години независност е потсетник на темелот поставен пред бината кај „Метропол“: државата е создадена со волја на генерации што сонуваа за неа, а нејзиното зачувување и уредување е секојдневна граѓанска должност, а не само празник за еден ден.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни