Свет

„Најопасниот човек во Германија“: Патот на Улрих Зигмунд од арома маркетинг до битката за Саксонија-Анхалт

„Најопасниот човек во Германија“: Патот на Улрих Зигмунд од арома маркетинг до битката за Саксонија-Анхалт

Партијата „Алтернатива за Германија“ бурно ја прослави изборната победа во Саксонија-Анхалт. Партиските лидери Алис Вајдел и Тино Хрупала во Улрих Зигмунд го гледаат следниот премиер на покраината, додека од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и понатаму категорично ја отфрлаат можноста за коалиција со „Алтернатива за Германија“.

Славјето одекна уште синоќа на изборната забава на „Алтернатива за Германија“ точно во 18 часот, кога стана јасно дека партијата постигнува историски успех на изборите за покраинскиот парламент во Саксонија-Анхалт. Централно лице во оваа победа е Улрих Зигмунд, политичарот за кого многумина велат дека ја разнишал столицата на канцеларот Фридрих Мерц.

Зигмунд, кој има само 35 години, се одликува со силно медиумско присуство и амбиција да стане премиер, предводејќи ја формацијата кон прво учество во управувањето со покраината. Роден е на 25 октомври 1990 година во Хавелберг. По завршено трговско образование стекнува диплома по деловна психологија и деловна администрација. Пред целосно да се посвети на политиката, развива претприемачка дејност во областа на арома маркетингот. Во 2014 година ја основа компанијата „Берлин дуфтет“, специјализирана за продажба на ароматични масла и решенија за намалување на стресот и вандализмот на јавни места (на пример, во градскиот превоз) преку специфични мириси. Влијанието на аромите врз потрошувачкото однесување е тема и на неговата дипломска работа.

Првично член на Христијанско-демократската унија, на 24-годишна возраст преминува во редовите на „Алтернатива за Германија“. Две години подоцна е избран за пратеник во покраинскиот парламент во Магдебург, а од август 2022 година е копретседател на својата пратеничка група.

Зигмунд е меѓу најпопуларните германски политичари на социјалните мрежи, со над 400 илјади следбеници на Инстаграм и над 760 илјади на Тикток. Меѓународни изданија, како „Фајненшл тајмс“, го опишуваат како „сончевото лице“ на партијата поради неговата способност да гради пристапен имиџ ориентиран кон семејни вредности и заедницата. За изборите во 2026 година тој беше издигнат за носител на листата на „Алтернатива за Германија“ во покраината. Зигмунд е оженет и има ќерка. Неговата сопруга Јулија стекна популарност со учество во ријалити-емисијата за венчаници „Цвишен Тил и Тренен“ на телевизијата ВОКС. Во личен план, тој во 2017 година ја напушти Католичката црква поради несогласување со институцијата, иако тврди дека ги задржал христијанските вредности.

Политичката кариера на Зигмунд ја следат и низа полемики. Во 2026 година неговиот татко беше ангажиран во парламентарната канцеларија на друг пратеник од „Алтернатива за Германија“, што отвори дебата за вработувањата во партијата; Зигмунд ја одбрани практиката наведувајќи дека, поради јавната стигма, тешко се наоѓа кадар. Во ноември 2023 година присуствуваше на контроверзно собирање близу Потсдам, каде десноекстремистичкиот активист Мартин Зелнер ја презентираше концепцијата за „ремиграција“. Зигмунд изјави дека присуството било во приватен капацитет и дека тоа не значи поддршка за радикални планови. Истата есен, структурата на „Алтернатива за Германија“ во Саксонија-Анхалт беше класифицирана како „докажано крајнодесна екстремистичка организација“ поради расистички и антисемитски испади на нејзини претставници; одлуката е оспорена пред суд.

Откако списанието „Дер Шпигел“ го стави на насловната страница со наслов „Најопасниот човек во Германија“, Зигмунд успеа да ја претвори критиката во потег за односи со јавноста, продавајќи на аукција потпишани примероци од изданието.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни