Крвава престрелка во Скопје заврши со смрт на 26-годишен маж, кој бил застрелан додека заедно со уште четворица лица стоел пред излог на фирма. Напаѓачите пристигнале со мотоцикл, пукале кон групата, а потоа побегнале.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 6 септември околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата на улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“.
Во моментот на пукањето, пред излогот биле Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје.
Според досегашните информации, пред групата застанал мотоцикл на кој имало две лица. Еден од напаѓачите отворил оган со огнено оружје кон присутните, по што двајцата се оддалечиле од местото.
Во престрелката бил погоден А.М., кој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај укажаната медицинска помош, 26-годишникот им подлегнал на повредите.
Од МВР засега нема информации дали сторителите се идентификувани, ниту пак се откриваат детали за можниот мотив за нападот.
Полицијата продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот.