Македонија

Нова жртва од западнонилска треска: Почина 70-годишен маж од Драчево

Нова жртва од западнонилска треска: Почина 70-годишен маж од Драчево
Close-up image of an African tiger mosquito with proboscis, AI generated,Image: 793615625, License: Royalty-free, Restrictions: , Model Release: no

Бројот на жртви од западнонилска треска во земјава се искачи на осум, откако почина 70-годишен маж од скопското Драчево. Пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што се лекувал во тешка состојба.

Смртниот исход го потврдил министерот за здравство Сашко Клековски. Од Клиниката информираат дека пациентот имал повеќе коморбидитети, што дополнително ја отежнувало неговата здравствена состојба.

Во исто време, евидентирани се и два нови случаи на западнонилска треска, со што вкупниот број на заболени во земјава достигна 58. Според досегашните податоци, најголем број случаи се регистрирани во скопскиот регион, но заболени има и во други делови од државата.

Сите осум лица кои досега починале од ова заболување биле мажи на возраст од 62 до 83 години и имале и други здравствени проблеми.

Епидемиолошките податоци покажуваат значително зголемување на бројот на случаи во споредба со изминатите години. Само до 1 септември биле регистрирани 56 заболени, бројка која е поголема од вкупниот број случаи евидентирани во земјава во претходните 15 години.

Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец, а ризикот од заболување е особено поголем кај повозрасните лица и кај оние со хронични заболувања.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни