Македонија

Груби со насмевка на судење: Поранешниот вицепремиер не се чувствува виновен

Груби со насмевка на судење: Поранешниот вицепремиер не се чувствува виновен

Поранешниот вицепремиер Артан Груби не се чувствува виновен за делата за кои е обвинет во случајот поврзан со Државна лотарија. На денешното рочиште, откако беше спроведен од куќен притвор во судница, тој на прашањето дали се чувствува виновен кратко одговори: „Не“.

При проверката на личните податоци, Груби кажа дека моментално е невработен. Во текот на рочиштето тој делуваше опуштено и со насмевка го следеше судскиот процес.

За невин се изјасни и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и останатите четворица обвинети, кои биле членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.

Судењето, сепак, не продолжи според планираното. Обвинетиот Башким Авди побара обвинението и доказниот материјал да му бидат обезбедени на албански јазик, поради што судијката Билјана Шуплиновска Јовевски го одложи рочиштето за петок.

Судијката го праша Авди и неговиот адвокат зошто барањето за превод не било доставено порано, имајќи предвид дека предметот е притворски и дека со тоа се одложува постапката. Авди објасни дека не бил запознаен со своите законски права, додека неговиот бранител Асмир Алиспаиќ посочи дека бил ангажиран дури на 24 август.

Обвинителот Александар Давчевски оцени дека барањето во оваа фаза претставува обид за злоупотреба на правото на употреба на мајчиниот јазик. Според него, Авди уште на претходното рочиште преку преведувач бил запознаен со потребните поуки, а имал и ангажиран адвокат.

Одбраната, пак, смета дека станува збор за законско право на обвинетиот и дека барањето не може да се третира како злоупотреба.

Поради новонастанатата ситуација, судијката апелираше постапката да не се одолговлекува, особено затоа што сите обвинети се под определени мерки.

Во предметот, на поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, ќе му се суди во отсуство. Судот донесе такво решение по предлог на Обвинителството, бидејќи Бајрами и натаму е во бегство и недостапен за органите на прогонот. Него ќе го застапува адвокат ангажиран од неговата сестра Вјолца Бајрами.

На денешното рочиште Обвинителството го презентираше обвинителниот предлог и ги образложи наводите против обвинетите. Во меѓувреме, обвинението е дополнително прецизирано врз основа на извршеното вештачење.

Според новата пресметка, обвинетите се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра, односно 596.125.511 денари, наместо претходно наведените околу 8,2 милиони евра или 507.632.173 денари.

Тие се товарат за незаконска набавка на коцкарски машини, која, според Обвинителството, била одобрена на владина седница со која претседавал Артан Груби.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни