Македонија

Ангелов: Пожарот на македонско-косовската граница е ставен под контрола

Ангелов: Пожарот на македонско-косовската граница е ставен под контрола

Жешкото време и силниот ветер повторно го ставија пожарниот систем во земјава на сериозен тест. Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани дури 40 пожари на отворен простор, а и покрај тоа што најголемиот дел се локализирани, повеќе огнени жаришта и натаму бараат внимание.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска информираше дека околу 30 од пожарите се веќе изгаснати, додека четири остануваат активни.

Според Ангелов, целосно е изгаснат пожарот кој неколку дена беше активен во близина на македонско-косовската граница. Во моментов, како што посочи, нема активно горење ниту од македонска, ниту од косовска страна, поради што не се очекува чадот од овој пожар да предизвика загадување на воздухот во Скопје.

Проблеми повторно се појавиле кај селото Милетино во Општина Брвеница. Иако пожарот вчера бил ставен под контрола, во текот на ноќта повторно се активирал. Екипите на пожарникарите и ДЗС интервенирале, па во раните утрински часови повторно успеале да го стават под контрола.

Сепак, поради високите дневни температури, постои можност пожарот повторно да се разгори.

Под контрола е ставен и пожарот кај селото Руѓинце во Општина Старо Нагоричане. Ангелов посочи дека пожарникарите работеле во исклучително тешки услови и со голема пожртвуваност успеале да го локализираат огнот кој зафатил значителна површина.

Меѓу најкомплексните жаришта останува пожарот кај местото Рамно на Скопска Црна Гора. Во неговото гаснење се ангажирани скопски пожарникари, екипи на ДЗС, припадници на „Национални шуми“, полициски хеликоптер, како и 30 припадници на Армијата.

Активен е и пожарот кај Белица во Македонски Брод. Во текот на ноќта состојбата била релативно мирна, но огнот повторно се активирал со порастот на температурите. Дополнителен проблем претставува непристапниот терен, поради што интервенцијата е отежната, а на одредени делови пристапот е практично невозможен.

Повторно се разгорел и пожарот во струшкиот регион, кај селата Селце и Локов. На терен се струшките пожарникари, а во гаснењето се очекува да биде вклучена и воздухопловна поддршка.

Од друга страна, пожарот кај Тајмиште во кичевскиот регион е ставен под целосна контрола.

Ангелов предупреди дека состојбата може да се менува во текот на денот поради високите температури, кои создаваат услови за повторно активирање на постојните жаришта, но и за избивање нови пожари.

Тој упати апел до граѓаните на максимална внимателност, нагласувајќи дека во вакви услови и најмалата искра може да предизвика голем пожар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни