Македонија

64 жаришта на сипаници кај овците, досега угинале околу 10.000 грла

64 жаришта на сипаници кај овците, досега угинале околу 10.000 грла

Состојбата со сипаниците кај овците и натаму е сериозна, а надлежните служби регистрираат нови ризични подрачја и преземаат мерки за ограничување на ширењето на заразата. Во земјава досега се потврдени 64 жаришта, при што најголем дел се регистрирани во Источниот регион.

Според последните податоци, 50 жаришта се во Источниот регион, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.

Тој на денешната прес-конференција апелираше до сточарите доследно да ги почитуваат мерките и препораките на надлежните институции, сомнителните случаи навремено да ги пријавуваат и да не користат заедничка опрема без претходна дезинфекција.

Како еден од главните ризици за пренесување на болеста, според епидемиолошките анализи, е издвоено стрижењето на овците со ножици кои не биле соодветно дезинфицирани. Токму преку ваквата опрема заразата може полесно да се пренесе меѓу стадата.

Во меѓувреме, институциите работат на обезбедување вакцини преку Европската комисија, Турција и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Сепак, Серафимовски појасни дека набавката на вакцини не значи автоматски и почеток на вакцинацијата.

Одлуката за евентуална вакцинација ќе биде донесена врз основа на стручна проценка на епидемиолошката состојба, проценетиот ризик, како и ветеринарно-здравствените и економските последици.

Министерот информираше и дека сточарите чии стада се погодени од болеста ќе бидат обесштетени. Во тек се проценките и подготовките за обезбедување средства за исплата, а моделот за обештетување веќе е утврден од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Серафимовски нагласи дека Министерството и Агенцијата се во постојана координација и повторно упати апел до одгледувачите строго да ги почитуваат сите пропишани мерки.

„Свесни сме дека за многу семејства сточарството е основна дејност и извор на егзистенција, но мора да се почитуваат мерките. Шест месеци не е дозволено на истото одгледувалиште повторно да се внесе нов сточен фонд“, посочи министерот.

Според него, дел од ширењето на болеста е поврзано и со непочитување на превентивните мерки.

На терен, досега се евидентирани околу 10.000 угинати овци, информираше Серафимовски, додавајќи дека надлежните институции будно ја следат состојбата и во соседните држави поради можноста од појава и на други заразни болести кај добитокот.

Тој посочи дека е одржана работна средба со надлежните институции во Србија за размена на информации и искуства, додека внимателно се следи и ситуацијата во Грција.

„Засега најголем предизвик за нас остануваат сипаниците кај овците и правиме сè за да го амортизираме ударот и да спречиме натамошно ширење на болеста“, изјави Серафимовски.

Бројот на ризичните подрачја, како што додаде, постојано се менува во зависност од епидемиолошките анализи кои надлежните служби ги спроведуваат секојдневно.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни