Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија упати порака во која се осврна на патот на државата, Охридскиот рамковен договор и важноста на еднаквоста меѓу заедниците.
Ахмети оценува дека годишнината од независноста е можност да се потсетиме на патот по кој поминала државата, но и сериозно да размислиме каква држава треба да им се остави на идните генерации.
Според него, државата не била изградена од еден народ, но во текот на годините Албанците и другите немнозински заедници не се чувствувале како рамноправен дел од државата.
Ахмети ги посочува уставните измени од 1989 година, начинот на кој бил изграден уставниот поредок во почетокот на 90-тите години, како и исклучувањето на Албанците и другите заедници од клучните процеси при создавањето на државата.
„Тоа беше историска неправда, но и неодржлив државен модел“, наведува Ахмети.
Осврнувајќи се на 2001 година, лидерот на ДУИ вели дека токму тогаш дошло до соочување со оваа реалност, а Охридскиот рамковен договор, според него, не променил само одредени уставни одредби, туку и филозофијата на функционирање на државата.
„Охридскиот мировен договор не промени само неколку одредби од Уставот. Тој ја промени филозофијата на функционирањето на државата“, порача Ахмети.
Тој нагласува дека Албанците не барале друга држава, туку се обврзале заеднички да ја градат државата.
Ахмети смета дека 25 години по потпишувањето на Охридскиот договор е важно да не се заборави дека неговите резултати не им припаѓаат само на една заедница или на една политичка партија, туку претставуваат дел од трансформацијата на самата држава.
Според него, Охридскиот договор ја зајакнал унитарноста на државата преку нејзино поголемо демократизирање и ја направил постабилна преку поголема инклузивност. Тој додава дека договорот создал основа за продолжување на евроатлантскиот пат на земјата, вклучително и нејзиното членство во НАТО и стремежот кон Европската Унија.
Ахмети предупредува дека секој обид Охридскиот договор да се претставува како закана за државата значи враќање кон дебата на која, според него, историјата веќе го дала одговорот.
Тој изразува загриженост поради, како што наведува, исклучувањето од процесите на застапеност, пречките во користењето на јазиците, недоволната вклученост во културата и јавниот живот, како и обидите за поткопување или релативизирање на принципите врз кои била изградена мирната коегзистенција.
„Државите не се ослабуваат со еднаквост. Државите се ослабуваат кога нивните граѓани почнуваат да се чувствуваат исклучени“, порача Ахмети.
Тој ја опиша Северна Македонија како држава на сите нејзини граѓани – унитарна, демократска и европска држава, изградена врз принципите на еднаквост и меѓусебно почитување.
На крајот, Ахмети порача дека Албанците дале и ќе продолжат да даваат свој придонес во изградбата и зајакнувањето на државата, но дека за тоа е потребна заедничка волја секој граѓанин да ја чувствува земјата како своја.
„Да го зачуваме она што заедно го изградивме и да го продолжиме напред. Да не се враќаме кон политиките што разделуваат, туку да одиме кон држава што обединува“, порача Ахмети, упатувајќи честитка по повод 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија.