Наместо безбедно враќање дома по посетата на Острог, група патници кои патувале со позната македонска туристичка агенција тврдат дека поминале низ повеќечасовно патување исполнето со страв, неизвесност и паника.
Според сведоштвата објавени од патници на социјалните мрежи, проблемите започнале откако автобусот се движел низ Албанија, каде, според нив, поради погрешно насочување бил упатен по тесни улици и патишта несоодветни за автобус.
Една од патничките, која во автобусот била со своето двомесечно бебе, сведочи дека ситуацијата станала особено драматична кога автобусот при движење наназад удрил во објект.
„При враќањето наназад, автобусот удри во покрив од куќа. Во тој момент јас седев во задниот дел од автобусот, заедно со моето двомесечно бебе“, наведува таа во своето сведоштво.
Друг патник го опишува настанот со слични детали, тврдејќи дека при ударот била искршена задната шофершајбна.
Според сведоштвата, по инцидентот автобусот продолжил со патувањето, иако дел од патниците, како што наведуваат, се противеле да продолжат со истиот автобус.
Дополнителен проблем, според патниците, бил и бројот на лица во автобусот. Една од патничките тврди дека автобусот бил предвиден за околу 50 патници, но дека според нејзиното искуство во него имало повеќе лица од предвидениот капацитет.
На патниците, според нивните тврдења, дополнителен страв им предизвикала и состојбата со возилото.
„Сред автопат автобусот повторно се расипа и почна да дими. Уште претходно почувствувавме мирис на запалено и предупредувавме дека нешто не е во ред“, сведочи патничката.
Кога автобусот запрел и почнал да дими, според сведоштвата, настанала паника. Патниците излегувале од автобусот и барале начин да се оддалечат од возилото, особено загрижени за децата и бебето што било во автобусот.
„Само што не се запали автобусот. Сите бегавме во паника, а имаше деца и двомесечно бебе што седеше на задните седишта“, пишува друга патничка.
Патниците тврдат дека на првата бензинска станица биле извршени интервенции на автобусот, но дека тие одбиле да продолжат со истото возило, бидејќи повеќе не се чувствувале безбедно.
Според нивните сведоштва, сепак било продолжено со патувањето, а подоцна автобусот повторно запрел поради дефект.
Особено загрижувачки е наводот дека патниците, според нивните тврдења, чекале околу пет часа за да се најде решение.
„Пет часа чекавме некој да интервенира“, наведува една од патничките.
Во текот на целиот настан, според сведоштвата, во автобусот имало мајки, жени, деца и цели семејства.
Патниците сега бараат одговори за тоа како било организирано патувањето, во каква техничка состојба бил автобусот и дали биле преземени сите потребни мерки за безбедноста на патниците.
Тие велат дека целта на нивните јавни сведоштва не е создавање конфликт, туку предупредување ваков случај да не се повтори.