Македонија

Грчев: Знамето треба графички да се доработи

Грчев: Знамето треба графички да се доработи

Авторот на македонското државно знаме, архитектот и професор Мирослав Грчев, смета дека државните симболи не треба да бидат недопирливи и дека знамето може да се унапреди во графичка смисла, без да се менува неговиот препознатлив мотив.

„Не да се менува мотивот, туку графички да се дотерува и неговите апликации да се разработуваат“, вели Грчев во Отвореното студио на 4ТВ по повод 35 години независна Македонија, говорејќи за можноста за подобрување на изгледот и примената на македонското знаме.

Според него, денешното знаме има одредена графичка слабост во начинот на кој се поставени сончевите зраци. Во оригиналното решение, зраците треба да излегуваат од централниот диск, но, како што објаснува Грчев, при донесувањето на знамето во Собранието дошло до несоодветна техничка интерпретација.

Тој смета дека тоа може да се исправи со внимателна графичка интервенција.

„Јас сакам да се елегантно стеснат до самиот диск и тоа да биде графички поуредено“, објаснува Грчев за 4ТВ.

За него, ваквата интервенција не би значела создавање ново знаме, туку негово визуелно усовршување. Грчев нагласува дека мотивот на сонцето треба да остане, бидејќи токму тој е суштинскиот визуелен идентитет на знамето.

„Државните инсигнии, и грбот, и знамето, сите земји ги дотеруваат, ги обновуваат“, вели тој, посочувајќи дека во Македонија постои страв од какво било посегнување по државните симболи.

Според Грчев, потребно е да се направи разлика меѓу промена на симболот и негово графичко усовршување. Тој не предлага напуштање на сонцето или промена на основната композиција, туку поелегантно и попрецизно визуелно решение.

Така, 35 години по независноста, авторот на знамето повторно се навраќа на неговиот дизајн – не за да го доведе во прашање симболот, туку да укаже дека и државните обележја можат да се унапредуваат со текот на времето.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни