Македонија

Објавуваме ретка видео анкета од 1991: Што изјавија граѓаните на гласачите места на денешен ден пред 35 години

Објавуваме ретка видео анкета од 1991: Што изјавија граѓаните на гласачите места на денешен ден пред 35 години

На денешен ден пред точно три и пол децении, на историскиот 8 септември 1991 година, македонските граѓани масовно излегоа на гласачките места за да одлучат за иднината на својата татковина. Референдумот за самостојност и сувереност не беше само политичко изјаснување, туку мотив за надеж, емоции и историски копнеж за мир и стабилност во времиња на голема регионална неизвесност.

Во продолжение ви пренесуваме автентични сведоштва и изјави на граѓаните дадени директно пред гласачките кутии во моментот кога се испишуваше новата македонска историја:

„Се надеваме дека ќе биде добро – гласаме за мир и суверена Македонија“

Прашани што претставува референдумот за нив и како ќе се определат, гласачите со непоколеблива вера порачаа дека народот испраќа јасна слика до светот:

„Ова е јасна слика за ситуацијата, за волјата на народот… Се надеваме дека ќе биде добро, ќе нè препознае и прифати светот. Гласаме за мир, за суверена Македонија!“

„Првпат во нашата историја – ова го правиме за децата, за подобар живот“

Емоциите и свесноста за историската тежина на моментот беа видливи кај секој граѓанин што го оствари своето право на глас. Референдумот беше доживеан како пресвртница и влог за идните генерации:

„За нас референдумот значи многу, бидејќи за првпат ова се случува во нашата историја, посебно за Македонија. Да бидеме суверена и самостојна држава – тоа за нас значи сѐ! Ова го правиме за државата, за нашите деца, да живеат подобро, посреќно и во мир.“

„Денешниот ден е моја најголема гордост и желба од срце“

Гордоста и спокојот што доаѓаат од демократското и достоинствено гласање беа заедничкиот именител на одговорите на скопските и македонските улици:

„За мене лично, референдумот денеска е неизмерна гордост. Токму денеска, на еден мирен и демократски начин, прогласуваме самостојна држава — самостојна Македонија. Тоа навистина и од срце ми беше најголема желба!“

Триесет и пет години подоцна, овие ретки аудио и видео записи остануваат живо сведоштво за оптимизмот, достоинството и сплотеноста со која македонските граѓани ја поставија основата на својата независна држава.

Многу повеќе содржини и интересни гости може да погледнете вечерва во отвореното студио од 19 часот во живо од пред зградата на Владата

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни