Македонија

Првиот министер за правда Гошев: Имаше притисоци и закани, дури три пати ме прегази автомобил, возачот слободно си замина

Првиот министер за правда Гошев: Имаше притисоци и закани, дури три пати ме прегази автомобил, возачот слободно си замина

Првиот министер за правда во независна Македонија, Туше Гошев, во „Отвореното студио“ на 4ТВ по повод независна Македонија се осврнува на периодот на осамостојувањето на државата, притисоците со кои се соочувале тогашните носители на функции, како и на подготовката на референдумот за независност.

Гошев сведочи дека во тој период имало и официјални и неофицијални закани, а притисоците, според него, понекогаш се манифестирале и преку сообраќајни несреќи и други инциденти.

Како пример го посочува и сопственото искуство, раскажувајќи дека бил удрен со автомобил дури трипати – нанапред и наназад. Возачот, како што вели, по инцидентот излегол од автомобилот и си заминал, а случајот до денес не е расчистен.

„Ништо не може да ме застраши, ни да ме уплаши. Ништо“, вели Гошев, додавајќи дека притисоците биле дел од политичката атмосфера во која се создаваше независната држава.

Во интервјуто тој зборува и за своето потекло и семејната историја. Гошев раскажува дека неговото семејство потекнува од Кукуш, а според семејните преданија, неговите предци биле поврзани со револуционерното движење и со Гоце Делчев.

Посебно се осврнува на периодот пред референдумот за независност. Според него, прашањето за референдумот било резултат на дискусии во Собранието и претставувало суштинско прашање за иднината на државата.

Гошев вели дека дел од политичарите стравувале од можни последици од Југословенската народна армија и од можноста за конфликт, но оценува дека референдумот бил неопходен чекор за Македонија да стане субјект во меѓународниот правен поредок.

„Ако не сте субјект, нема со кој да разговараат. Ќе бидете колонија, поробен народ. А ако сте субјект, тогаш можете да разговарате и за можен иден сојуз со другите републики“, објаснува Гошев.

Според него, токму со осамостојувањето Македонија добила можност самостојно да ги штити своите интереси и да биде рамноправен субјект во меѓународните односи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни